Skip to main content

На моите, одамна матурирани ученици

           

 Им се извинувам за тоа што им премолчав дека овде, токму зад бистата на Карпош, ниту знаење, ниту интелект, а уште помалку морална одговорност, не поминуваат на „приемниот испит“ за раководител, управител, директор, советник...  .
        Им се извинувам за тоа што ги премолчав сите лицемерни, богохулни,  институционално поддржани дејанија, на луѓе без чувство на срам и совест, токму овде, зад грб на патронот.
        Им се извинувам за тоа што ги оставив сами да увидат дека бессовесни безр’бетници или оние со р’бет свитлив како банкнота во џеб, го грабаат најголмиот дел од нашето сонце.
        Ама што друго можев, кога не сакав да им ги згаснам желбата за учење, знаење, умеење и меракот да се изградат како етични, морални и одговорни личности.
        И сега, кога за нив овде нема место, сега кога си заминуваат, за децата да им учат, творат и добиваат признанија на туѓ јазик  и сега,  додека сѐ уште го читаат македонското писмо, им порачувам:
        Ви ги посакувам сета среќа и сето добро на светот.
        Ви посакувам да градите таму кај што нема дивоградби, да лекувате таму кај што здравството е здраво, да се образувате таму кај што образованието е закон, а законот е образуван.
        Ви посакувам да создавате таму кај што достоинството се почитува, а почитта е достоинствена, таму кај што беседите (со траги од перото на почитуваниот Венко Андоновски) не се за едно да слушаш, а сосема друго да гледаш, таму кај што гласот не е обезгласен (за петстотче) и таму кај што еднина од луѓе е ЧОВЕК.
        СРЕЌНО!  

Comments

Став 119 - Даниела Стојановска: Реформа на образовен систем е процес, а не настан

Професионално портфолио: Даниела Стојановска, наставник - ментор

  За свет во кој луѓето се охрабруваат да размислуваат и да зборуваат за себе:

Накратко за: Подобрување на квалитетот на севкупното живеење

        Постигања во подобрување на квалитетот на севкупното живеење, со унапредување на науката и иновативноста во воспитно-образовниот процес, базирани на принципите на квалитет, економичност и граѓанска одговорност...